ЕКОПРОЕКТ-КО ДОО Кочани имаше чест да биде домаќин на заменик-министерот за економија и труд на Република Северна Македонија, Марјан Ристески, кој ја посети компанијата со цел непосредно да се запознае со нејзините капацитети, работењето и развојните активности. На посетата присуствуваше и градоначалникот на Општина Кочани, д-р Владко Грозданов, со што беше потврдена заедничката заложба за поддршка на компаниите кои придонесуваат кон локалниот економски развој и заштитата на животната средина.

Заменик-министерот беше пречекан од сопственичката и управител на компанијата, м-р Биљана Митева, која му ги претстави административните и производствените капацитети, како и складишните хали и современата инфраструктура со која располага ЕКОПРОЕКТ-КО. Во рамки на посетата, таа го запозна и со дејноста на компанијата, која повеќе години успешно работи во областа на собирање, транспорт, складирање и третман на неопасен отпад, обезбедувајќи современи и одржливи решенија за управување со рециклабилни материјали и активно придонесувајќи кон развојот на циркуларната економија и заштитата на животната средина.

Во текот на посетата беа разменети мислења за актуелните предизвици и можностите за понатамошен развој на секторот, при што беше истакната важноста од континуирана поддршка на компаниите кои инвестираат во зелени технологии, еколошки иновации и одржливи деловни практики.
М-р Биљана Митева се заблагодари за посетата и покажаниот интерес, нагласувајќи дека ЕКОПРОЕКТ-КО ќе продолжи со инвестиции во модернизација на своите капацитети, унапредување на услугите и примена на највисоки еколошки стандарди, останувајќи сигурен партнер на бизнис-заедницата и активен чинител во одржливиот развој на Република Северна Македонија.





